Струга, 1. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Тргна Охрид, ќе тргне и Струга, ако не, ќе ѝ ги земеме надлежностите, порача вечерва лидерот на СДСМ Зоран Заев од предизборниот митинг во овој град.
– Ќе ги вратиме плажите во Струга онака како што е замислено со протоколите на УНЕСКО. Мора да си го сочуваме статусот во УНЕСКО, бидејќи ако го изгубиме, сме изгубиле сѐ. Ова драгоцено бисерче мора да го сочуваме, инаку што ќе им кажеме на децата? Затоа, ќе расчистиме до крај. Градот може да се организира само во согласност со УНЕСКО. Од другата страна на езерото се отстранува сѐ (што е нелегално и го загрозува статусот), ќе се остранува и тука. Не се мешаме во општинската власт, но ако не се почитува тоа, ќе му ја земеме надлежноста на градоначалникот Мерко и на крај ќе му ја дадеме фактурата да ја плати, рече Заев на митингот.
Околу изборите, Заев ги повика стружани да ја поддржат, како што рече, вистинската приказна, оценувајќи дека не е случајно што е тука на 183-тиот ден од годината, што е точно средина на годината, на 1 јули, што е почеток на втората половина на годината, во среда, во Струга што има прва буква исто како Струмица, а „с“ е слава, заклучувајќи дека дека Струга сигурно ќе слави на изборите, дотолку повеќе што на 15 јули за првпат се одржале Струшките вечери на поезијата.
Тој неколкупати се навраќаше на пораката дека не смее да се дозволи, по целата таа борба режимот да падне, сега да му се отвори пат за враќање со грешните политики, бидејќи како што рече, немаме веќе време за експерименти. И во Струга потсети дека зад ВМРО-ДПМНЕ стојат луѓето на Никола Груевски, набројувајќи ги поединечно.
– Од 800.000 работни места во државата Христијан Мицкоски одбрал да биде асистент баш на татко му. Човекот нема ‘е’ од економија во главата, нема ни од енергетика, а сака да води држава. Не сме светци, направивме грешки. Но, тоа не е причина да останете дома, зошто останувајќи дома го носите режимот назад. Тоа ќе биде ваша одговорност. Треба да излеземе сите и да определиме иднина на државата, да определиме во кој правец ќе се движиме натаму. А, опциите не се којзнае какви. На крајот на денот, конечно и ДУИ ќе оди во опозиција, што е здраво за државата. Треба да ги тргнеме сите кочници. Имам намера да испорачам резултат заедно со вас. Имам намера да ги тргнам сите пречки што ќе ни стојат на пат, им порача Заев на стружани. (Крај)
извор: СДСМ фото: СДСМ