Скопје, 10. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Пред нас е 15-ти јули, денот кога треба да одлучиме дали ќе излеземе да избереме сигурност или ќе останеме дома и со тоа ќе и дадеме шанса на опасноста и несигурноста, рече во видео-обраќање лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Знам дека не ги исполнивме сите ваши очекувања. Знам дека направивме и грешки. Но, секоја наша грешка, ни ја посочувавте гласно, демократски, а ние ве слушавме и реагиравме. Покажавме дека знаеме и можеме да се подобруваме, вели Заев кој нагласува дека тоа му дава за право да каже дека не се сите исти.
Тој во говорот се обврза дека судскиот систем ќе биде првата работа која ќе биде реформирана во наредниот мандат.
– Ја барам вашата поддршка. Го барам вашиот глас за уште еден мандат. За да ги продолжам добрите политики. За да продолжиме напред уште побрзо и да не ја испуштиме шансата што заедно ја создадовме за оваа наша убава земја и за нашиот народ, порача лидерот на СДСМ додавајќи дека иако изборот се чини очигледен, граѓаните да не мислат оти работата е однапред завршена.
Тој истакна дека ќе продолжат напред само ако граѓаните така одлучат и само ако излезат и гласаат на 15-ти јули, на гласачкото место кое ќе биде целосно безбедно.
– Не молчете кога е ваш ред да зборувате, истакна Заев. (Крај)
извор: СДСМ фото: СДСМ