Охрид, 14. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на COVID-19 пандемијата, Здружението за борба против мозочен удар „Мозочен удар“ се вклучи во медицинскиот транспорт, со цел да им се помогне на жителите од регионот особено на постарите, онеспособени или социјално загрозени лица побрзо и побезбедно да стигнат до здравствените институции ширум земјава, згрижени во специјализирано амбулантно возило, кое обезбедува услови за спроведување на протоколите во време на пандемија.
Медицинската опрема (екг апарати и лабараториска теренска опрема) како и медицинското амбулантно возило, се набавени во прекуграничниот проект КВАЛИТЕТНО ЗДРАВСТВО Interreg – IPA CBC Programme “Greece – Macedonia 2014-2020”, здружението ги пренасочи според потребите на населението во нашиот регион.
– Транспортот се организира со помош и соработка од страна на организацијата на Црвен Крст Охрид, која има искуство во транспорт како и соодветна екипа. Во тек на пандемијата кога нашиот здравствен систем е оптоварен, сметаме дека на овој начин преку проектните активносте можеме да помогнеме. Исто така, здружението постојано е во контакт со најосетливите категории на нашите граѓани, а нашите медицински тимови во тек на пандемијата организираа превентивни прегледи на ризик факторите за мозочен удар и индивидуални консултации на болни кои преживеале мозочен удар во југозападниот регион на Република Македонија, велат од Здружението. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива