септември 10, 2020

Скопје, 10. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денес се одржа состанок на здруженијата на пациенти од Република Македонија со Министерот за здравство д-р Венко Филипче.

На средбата се дискутираше за состојбата со COVID-19, како и за враќањето на работа на хронично болните граѓани.

Претставниците на здруженијата и Министерот за здравство се сложија за следните точки:

1. Пациентите со хронични болести кои се со најголем ризик на смртност од COVID-19 и влошена здравствена состојба ќе останат ослободени од работа со тоа што ќе треба да извадат боледување од докторот специјалист кој ги следи (разговаравме да бидат вклучени и докторите специјалисти кои се на приватни болници и водат пациенти со хронични заболувања).

2. Родителите на деца кои имаат високоризични хронични заболувања да останат ослободени од работа со тоа што ќе треба да извадат боледување од докторот специјалист кој ги следи.

3. За боледувањето дополнително ќе се одлучи во однос на висината на платата која се добива при боледување.

4. За специјалистите да може да вршат соодветно контролни прегледи за да издадат потврда, да се обезбедат посебно термини на клиниките (пример втора смена на работа и е-амбуланти за да не патуваат пациенти кои се со влошена здравствена состојба).

5. ФЗО да направи промена на правилникот за боледување за докторите специјалисти да може да даваат месец дена боледување и автоматски да се продлжува додека е потребно.

6. Почетокот на работа на пациентите со хронични заболувања се одложува до 23-ти септември и доколку е потребно ќе се направи дополнително одложување за сите пациенти да обезбедат соодветно боледување доколку им е потребно.

7. Понатамошно здруженијата на пациенти да имаат редовни состаноци со Министерство за здравство, ФЗО и други институции со цел да се носат соодветни одлуки за засегнатите граѓани.

На средбата со министерот Филипче беа претставници на Здруженијата „Борка“, „Живот со предизвици“, Национално здружение за МС, Здружение за ХМЛ, Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија, „Нефрон“, „Хепар“ центар, „Пеперутка“ и Алијансата на Пациентски Организации – АПО. (Крај)

извор: Алијанса на Пациентски Организации фото: Алијанса на Пациентски Организации

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука