Охрид, 16. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со одлуката да се прифати датумот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, од вчера се отстранети сите пречки за одржување на изборите и истите се закажани за 15-ти јули 2020 година.
Претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски доцна синоќа донесе одлука да ја продолжи вонредната состојба за да се исполнат условите за одржување на изборите. Кампањата официјално ќе започне на 24-ти јуни. Среда 15-ти јули, ќе биде неработен ден, а изборниот процес ќе трае до 21:00 часот. Молкот пред денот на гласање ќе настапи на полноќ во недела, 12-ти јули. Гласањето на 15-ти јули ќе започне во 07:00 часот и ќе трае непрекинато до 21:00 часот. На 13-ти и 14-ти јули, во понеделник и вторник, ќе гласаат болните и изнемоштените лица, вклучително и граѓаните кои се позитивни на корона вирусот, дома или во болница, како и граѓаните кои се во самоизолација и хронично болните граѓани.
Министерството за здравство се задолжува, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи, како и средства за дезинфекција на секое избирачко место.
Оваа состојба беше за очекување и медиумските експерти уште со влошувањето на состојбата со корона вирусот COVID-19 започнаа со разгледување на опциите за најсоодветно да се испратат пораките до гласачите.
Од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на вчерашната 22-ра седница ги усвоија подзаконските акти коишто се однесуваат на изборното медиумско претставување на радиодифузерите. Законодавецот предвидел ограничено време на медиумите за рекламирање од 9 минути на реален час. Од нив 4 минути се за двете најголеми политички партии од позицијата (Коалиција Можеме и ДУИ), 4 за двете најголеми политички партии од опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „Обнова на Македоија) и само една минута за политичките партии во Собранието на државата кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието или за кандидати, како учесници во изборниот процес (ДПА, Демократи, Левица, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Глас за Македонија, ГДУ, Интегра, СДУ, Единствена Македонија, Моро, Народна партија на Ромите и Твоја партија).
Токму ограниченото време за објава и другите законски мерки кои радиодифузерите мора да ги почитуваат ќе направат главната „војна“ да се води и на порталите и социјалните мрежи, каде ќе се искористат сите можности кои ги нуди модерната технологија за да се стигне до глас повеќе. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива