Скопје, 15. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – По завршувањето на вонредната состојба, според законската регулатива, треба да бидат продолжени изборните дејствија за предвремените парламентарни избори. Ако изборите се одржат на 5-ти јули, согласно роковите, денеска треба да почне изборната кампања, односно 20 дена пред денот на гласањето.
Голем дел од граѓаните се збунени и бараат сериозен пристап и одговори од релевантните политички фактори, а Владата веќе им даде насоки на надлежните институции за продолжување на изборниот процес, кој беше прекинат поради корона-кризата и прогласувањето на вонредната состојба. Сите владини насоки предвидуваат подготовки за избори на 5-ти јули.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски нема да закаже седница за разгледување на роковите за избори. Вели дека тоа ќе го стори откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе објави нов датум за избори. Според Дерковски, по завршувањето на вонредната состојба, во земјава се враќаат да важат законите и Уставот. Џафери им порачува на лидерите на политичките партии прво да постигнат консензус за датумот на одржувањето на предвремените парламентарни избори, а потоа вели тој ќе си ја исполни неговата уставна обврска да ги распише изборите.
Од ОБСЕ/ОДИХР вчера распишаа конкурс за експерти кои треба да ги следат предвремените парламентарни избори во Република Македонија на 5-ти јули годинава.
Оваа изборна „рашомонијада“ ја надополнуваат и владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои не можат да се усогласат за изборниот датум. За СДСМ, прифатливи термини се 5-ти или 8-ми, а ВМРО-ДПМНЕ инсистира на 15-ти јули. Двете страни засега остануваат на своите позиции. Власта вели дека избори мора да има што поскоро заради враќање на институциите во полн капацитет и легитимитет и за подобро справување со здравствената и економската криза предизвикана од COVID-19. Опозицијата, пак, кажа дека нема учествува на избори на 5-ти или на 8-ми јули и предупредува на можна политичка криза.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара од претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, за да се исполнат два услови. Првиот да се изработи протокол за заштита на здравјето на луѓето и да се има фер и демократски инклузивни избори во државата. А вториот е да се воспостави мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Мицкоски побара по првиот ден кога ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат во Македонија, по нивната прес конференција следниот ден да биде првиот ден на кампањата за изборите.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во обид да се усогласат ставовите организираше неколку лидерски средби, кои завршија без договор. Пендаровски во петокот во обраќањето до јавноста повика на меѓупартиски консензус за изборите. Порача дека е можно и ново продолжување на вонредната состојба, но само ако има договор меѓу партиите за датумот за избори.
Политичките партии најавија дека кампањата за овие избори ќе биде поразлична поради корона пандемијата и ќе се одвива без митинзи, туку преку медиумите и социјалните мрежи. Досега, само Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива соопштија дека од денеска и официјално ја стартуваат кампањата за предвремените парламентарни избори на 5-ти јули.
Инаку првично изборите беа закажани за 12-ти април, а Собранието се самораспушти на 16-ти февруари и од тогаш не функционира. (Крај)
извор: Фокус/ОхридПрес фото: архива