Охрид, 8. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и понатаму е втор во Македонија по број на хоспитализации и активни случаи со COVID-19, а продолжува и трендот секојдневно да има нови позитивни случаи.
Само викендов беа регистрирани 51 новозаболен, колку што имаше во првите четири дена од месецов. Од 1-ви до 7-ми февруари веќе има 113 нови случаи. Колку за споредба, во првата недела од јануари, во Охрид беа евидентирани 102 новозаболени.
Во Општата болница се хоспитализирани 45 пациенти, а мометално Охрид има 404 активни случаи.
Полицијата пак и натаму ги санкционира оние што не носат заштитна опрема на лице, а ги има и по речиси една година колку што живееме во пандемиски услови. Во последниот извештај во Охрид беа напишани 26, а во Струга 10 казни за неносење маски.
Здравствените работници по којзнае кој пат апелираат на совесност кај граѓаните и почитување на мерките, бидејќи кај нив се чувствува исцрпеноста, веќе речиси една година секојдневно се справуваат со корона пандемијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес