Скопје/Охрид, 24. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Основното јавно обвинителство Охрид, поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно лице на возраст од 61 година, жител на Охрид кој го сторил кривичното дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
– На обвинетиот на 19-ти март му била издадено решение од Министерството за здравство – Државен санитарен и здравствен инспекторат со цел навремено преземање на посебните против епидемиски мерки за заштита на населението од ширење на опасната болест предизвикана од Коронавирусот. Тој имал претходен контакт со лице заболено од COVID-19, па бил ставен под здравствен надзор во период од 14 дена со обврска да биде во домашна изолација поради опасност од натамошно ширење на болеста. Но, на 21-ви март обвинетиот излегол од домот и се упатил во непознат правец, информираат од обвинителство.
Со Предлогот за издавање казнен налог, јавниот обвинител побара од судот на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби при што секоја глоба да е во висина од 20 евра во денарска противвредност. (Крај)
извор: МИА фото: архива