јули 9, 2020

Охрид, 9. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – До полноќ кога истече рокот, до Општинската изборна комисија во Охрид пристигнале 241 барање за гласање од лица со хронични болести и 33 од лица со COVID-19, информира за Супер радио и OhridPress претседателот на ОИК, Климент Камнароски.

Формирани се два избирачки одбори со по тројца здравствени работници кои ќе одат кај пријавените лица заболени со коронавирус или во самоизолација. Најголемиот дел од здравствените работници се од Општа болница Охрид, а има и од Специјалните болници „Св.Еразмо“ и „Св.Стефан“.

На државно ниво, до ДИК за гласање на парламентарните избори се пријавиле вкупно 697 болни од COVID-19 и лица во самоизолација, како и 9020 немоќни лица и хронично болни.

Oд ОИК велат дека подготовките за нормално функционирање на избирачките одбори се веќе завршени, а течат нивните обуки. Во Охрид ќе се гласа на 89 избирачки места. Од нив 20 се преместени на нови локации заради почитување на здравствените протоколи.

Поради состојбата со COVID-19 овој изборен циклус се одвива во специфични услови. Предизборната кампања завршува на 12-ти јули на полноќ, од кога почнува молкот. На 13-ти јули ќе гласаат лицата со COVID-19 и во самоизолација, на 14-ти јули болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор. На 15-ти јули, кој е прогласен за неработен ден, гласањето на парламентарните избори ќе започне во 07:00 часот наутро, а поради актуелната состојбаќе биде продолжено и ќе трае до 21:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука