Охрид, 11. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Полека ги оставаме зад себе изборите, кои по многу основи ќе бидат запаметени како вон сите стандарди.
И покрај тоа што живееме во време на корона криза, со сериозни здравствени предизвици, во време кога се бележат огромни бројки на заболени лица, избори едноставно мораше да има. Состојбите во регионот, косовското прашање и сите останати жешки регионални и светски теми очигледно наметнаа ваков правец на настаните.
5-та Изборна единица секогаш важела за една од најпосакуваните за големите партии. Овој изборен циклус имавме посебно прилагодена кампања, пред се’ поради COVID-19 кризата, но и поради неможноста да се организираат помасовни средби со граѓаните. Тоа, сосема очекувано, не им пречеше на партиите, особено двете најголеми, да ги посетуваат поголемите населби, пазарите, големи компании, да делат од врата до врата поситни подароци за граѓаните, да шетаат по чаршијата и сл.
Сондажите на СДСМ очигледно покажале дека ќе треба „потешка артилерија“, па чести гости во градот се носителката на листата Радмила Шекеринска, но и други видни партиски функционери кои заедно со градоначалникот, д-р Константин Георгиески ја „носат“ работата во 5-ката. Засилени се активностите за реконструкција на улици во градот и околината, што носителката Шекеринска го окарактеризира како „огромна изградбена експанзија“. Се асфалтира и уредува секојдневно, а пред избори започна и отстранувањето на диво изградените објекти, што се најавуваше долг период претходно. Првиот човек на партијата, Зоран Заев, при посетата на Охрид порача дека Охрид ќе се среди според сите стандарди на УНЕСКО. Тој потсети дека се покриени половина милијарда денари долгови на општината.
ВМРО-ДПМНЕ повеќе внимание посветува на охридските претставници на листата, а носителот Игор Дурловски е поткрепа на нивните активности. Со редовни прес конференции, некогаш и по две на ден, тие потсетуваат на грешките на актуелната власт, често и на локалната, но и предлагаат сопствени решенија, поместени во нивната програма. Кирил Пецаков, Грација Бакраческа и Лидија Петкоска акцент ставија на подобрување на состојбите во здравството, образованието, правниот систем, туризмот и сл. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кампањата ја започна од Охрид, од каде порача дека ја гледа разочараноста на охриѓани од неправдите од оваа власт, но и дека е време за обнова и повеќе за секого.
Активни се и од Граѓанско Демократската Унија, од каде со редовни прес конференции и партиски соопштенија „удираа“ по двете најголеми партии. Засилените активности се секако влог во подоброто позиционирање на партијата на овие, а особено во следната кампања, односно локалните избори кои се закажани во редовниот термин, следната година. Тоа беше и за очекување, ако се знаат бројките кои ги освоија минатиот изборен циклус, кои со солидна кампања, може да им обезбедат барем едно советничко место во Охрид.
Предизборната кампања завршува утре на полноќ, кога и официјално започнува предизборниот молк. Уште денеска и утре политичките партии и коалициите учесници во предвремените парламентарни избори ќе имаат средби со граѓаните, на кои им ги презентираат своите изборни програми со кои сакаат да ја добијат нивната доверба на 15-ти јули.
Во понеделник, на 13-ти јули ќе гласаат лицата заболени од COVID-19 и лицата кои се во самоизолација, на 14-ти јули болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор. На 15-ти јули, во среда, кога е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија, гласањето на парламентарните избори ќе започне во 07:00 часот наутро, а поради актуелната состојба ќе биде продолжено до 21:00 часот. Во Охрид ќе се гласа на 89 избирачки места.
Од ДИК излегоа со задолжителни препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива