Охрид, 20. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Ковид пандемијата годинава го одложи и традиционалното одбележување на празникот Свети Јован Крстител, кога во Охрид свечено се одбележува Денот на рибарите, со што се заокружуваат Богојавлнските чествувања.
Секоја година бројни граѓани на овој ден беа во центарот на Охрид, каде со чашка греана ракија и вино уживаа во музиката, но и во вкусот на рибната чорба, која веќе традиционално, во голем казан ја подготвуваа учениците и професорите од ОУТУ „Ванчо Питошески“.
На денешен ден на Сараиште, старите рибари ги оставале мрежите да се сушат, раскажуваат повозрасните жители на Охрид, кои се сеќаваат на убавите времиња поминати со блиските и пријателите на денот по Богојавление, Ден на рибарите.
Традицијата да се одбележува овој ден е многу стара, во одреден период престанала да се практикува, но повторно се обновила. Според кажувањата на старите жители на градот, рибарите се капеле на овој ден за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото.
Со денешните настани се заокружува одбележувањето на празникот Богојавление Водици во Охрид. Најмасовната црковно-народна манифестација за осветување на езерските води одамна ги надмина локалните и регионални граници, па и годинава имаше бројни посетители од земјава и странство. Годинава, поради COVID-19 пандемијата немавме масовна организација на овој празник на охридското градско пристаниште. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес