Скопје, 8. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок на кој ќе се разговара за тоа колку ќе трае полицискиот час претстојниот викенд.
Ќе се разгледуваат и можностите за олабавување на мерките кои би важеле од следната недела и според препораките на стручните лица, кој ќе биде редоследот за враќање на процесите и нормализирање на состојбата, вклучително и дали ќе има услови за одржување избори.
Министерот за економија Крешник Бектеши претходно најави дека Владата наскоро ќе донесе одлука за отворање на кафетериите и рестораните, но и дека за угостителскиот сектор ќе следува и нова поддршка од државата откако ќе бидат отворени.
Во врска со можноста изборите да се одржат во јуни, првиот човек на Државната изборна комисија Оливер Дерковски е дециден дека нема шанса за такво нешто, без разлика на желбите на политичките партии, затоа што изборниот законик е јасен.
– За организација на изборите мора да има простор од најмалку 50-тина дена откако тие ќе бидат распишани, изјави за Тв Сител првиот човек на Државната изборна комисија Оливер Дерковски. Тој вели дека покрај 20 дена за кампања, потребни се дополнителни 30 дена за да се повтори процесот на ажурирање на избирачкиот список но и постапката на кандидирање.
Вчера беа потврдени 33 нови случаи на COVID-19 во земјава, со што вкупната бројка на дијагностицирани порасна на 1.572 лица. Оздравени се 22 пациенти, а почина едно лице, информира министерството за здравство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива