Охрид, 11. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со почитување на мерките и дисциплина, во Охрид повеќе од 20 дена не се регистрирани нов случаи на лица заболени од коронавирус COVID-10.
Ова е дотолку повеќе за поздравување ако се знае дека станува збор за туристички град, во кој во моментов не работат угостителските објекти, но има многу граѓани од бројни градови ширум државата кои тука имаат сопствени станови и карантинските денови ги поминуваат токму тука.
Од Центарот за јавно здравје од Охрид соопштија дека во Охрид и Дебрца веќе нема активни пациенти на COVID-19.
Во текот на изминатите 24 часа направени се 275 тестирања, а потврдени се 20 нови случаи на COVID-19 и тоа во: Скопје 12, Куманово 1, Прилеп 3, Тетово 2, Битола 1, Гостивар 1. Досега во земјата се направени вкупно 19.096 тестирања на COVID-19. Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.642, бројката на оздравени пациенти е 1.136, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 415.
Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за заразни болести одржа состанок на кој е разгледана можноста за олеснување на досегашните мерки за превенција и заштита од ширење на коронавирусот. Одлучено е да се препорача до Владата сите досега донесени мерки да останат во сила.
– Трендот на нови случаи со COVID-19 во следните два дена, како што се посочува, ќе биде разгледуван на состанокот на Комисијата за заразни болести во понеделник (11.05.2020 година), по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за понатамошно постапување во однос на мерките. Се апелира до граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното, стои во соопштението.
Од ТАВ Македонија неодамна истакнаа дека се подготвуваат за отворање на аеродормите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции, кои пак се во координација со меѓународните воздухопловни власти каде се во тек активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници. Официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела чекаат и авиокомпаниите за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид. Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава, ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од кризата со вирусот.
– Се’ уште рано да се отворат аеродромите, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Во меѓувреме, охридските угостители најавуваат дека наскоро ќе започнат со работа и дел од нив започнаа и со подготовка на објектите за отворање.
Според првичните најави мерките ќе предвидуваат задржување на до четири лица на една маса, не мора да се од исто семејство, но на определена оддалеченост меѓу две маси или пак со граничник од плексиглас или стакло. Под посебни хигиенски услови, на отворени простори односно летни тераси, ќе почне олабавувањето на рестриктивните мерки за угостителскиот сектор. Ќе може да се служат храна и пијалоци, кои ќе бидат дезинфицирани пред да бидат послужени на гостите. Можно е да биде наложено да се користат и чаши, лажички, садови за еднократна употреба. Се размислува и за наплата само со платежни картички. Работното време на кафе баровите и рестораните за почеток би било до 18:00 или 19:00 часот.
Македонската Влада донесе одлука за скратување на забраната за движење за време на викенд – во сабота и недела. Граѓаните ќе можат да се движат во периодот од 05:00 часот до 19:00 часот, сите млади лица под 18 години ќе можат да се движат од 13:00 до 19:00 часот, а сите возрасни граѓани над 67 години ќе можат да се движат од 05:00 до 12:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес