Белчишта, 16. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со донација на компанијата „Милкуз“ од Охрид, решен е проблемот со неефикасното централно греење на подрачното училиште во село Лешани, општина Дебрца.
– Како општествено одговорна компанија, „Милкуз“ донираше и изврши монтажа на нов котел за парно греење, затоа што при изведбата на централното греење бил поставен несоодветен котел. Во името на учениците, наставниците и родителите изразувам голема благодарност до менаџментот на компанијата. Продолжуваме да инвестираме во образовната инфраструктура. Во изминатиот период централно греење е поставено во подрачните училишта во селата Мешеишта и Требеништа. Во текот на летниот распуст, централно греење ќе биде поставено и во училиштата во селата Оровник и Горенци, објави првиот човек на општината Зоран Ногачески.
Според директорката на ОУ „Дебрца“ Билјана Славевска, да се искажат зборови за благодарност е многу едноставно, а премногу возвишено и доблесно.
– Благодариме, помогнавте во вистинско време, што е најважно, од дното на срцето и без изговори, одложувања, со самоуверен и професионален пристап. Резултатот ги надмина очекувањата и сигурна сум дека Вашата работа ќе послужи како модел за останатите компании, вели Славевска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива