Охрид, 14. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Шестиот интернационален ракометен камп „Кирил Лазаров 7“, кој требаше да се одржи оваа година од 19-ти јуни до 1-ви јули во хотелот „Аквалина“ во Охрид се откажува поради пандемијата предизвикана од вирусот COVID-19.
Од КМГ Спорт агенција, како организатор на овој настан велат дека се надевале дека состојбата ќе се смири до стартот на кампот, но како што знаеме сите подобрување нема.
– Императив секогаш е здравјето на децата. Почитувајќи ги препораките на надлежните кои забрануваат групирање на повеќе од 2 лица, одржувањето на кампот е невозможно. Секојдневно ја следевме ситуацијата и очекувавме смирување на истата, бевме подготвени и за поместување на датумот за месец јули… Но, за жал бројките го покажуваат спротивното, ризикот во оваа ситуација е недозволив. Знам што значи присуството за децата на кампот, со какво нетрпение го чекаат и секоја година му се радуваат. Ги поздравувам и се надевам дека следната 2021 ќе може повторно да бидеме сите заедно во името на ракометот, истакна капитенот Лазаров, кој е идеен творец на кампот и човекот кој во изминативе 5 години континуирано беше со децата.
Оваа година беа пријавени над 400 деца од 14 земји на возраст од 7 до 18 години. Досега на кампот учествуваа преку 1.500 деца, а лани го одбележавме пет годишниот јубилеј.
– На сите деца им посакуваме убав летен распуст и се гледаме следната година во Охрид, додаваат организаторите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива