јануари 12, 2021

Охрид, 12. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Многубројните дивоградби во заштитениот појас на Охридското Езеро, како и непланската урбанистичка експанзија во Охрид со децении наназад доведе до еколошка катастрофа во Охрид и уништување на специфичниот биодиверзитет на Охридското Езеро кое се заканува да добие траен карактер, реагираат од Локалниот огранок на Левица од Охрид.

– Сето тоа придонесе Охрид деновиве да го добие најкатастрофалниот извештај од УНЕСКО со кој доколку конечно нe се пристапи кон препораките на УНЕСКО, Охрид ќе биде ставен на Листата на загрозено подрачје. Левица континуирано и остро реагираше во повеќе наврати и предупредуваше дека е можна ваква разврска доколку не се исполнат барањата на УНЕСКО. Но, наместо да се пристапи кон рушење на дивоградбите и ставање ред во урбаниот хаос, градоначалникот Константин Георгиески јавно кажа дека се плаши да се спротистави на криминалот и безаконието кое го деградира нашето природно и културно наследство. Охридската јавност остана без одговор од кого градоначалникот и власта на СДСМ се плаши да пристапи кон рушење на дивоградбите во заштитениот појас на Охридското Езеро, дивоградби чии сопственици се припадниците на елитата од трите големи политички партии во Македонија? Ваквото однесување воопшто не е изненадувачки, со оглед на тоа дека корупцијата која ја разори секоја пора на општественото живеење е директно создадена, градена и доградувана од политичите елити кои сега наводно треба корупцијата да ја сузбијат. Впрочем, нивното постоење егзистира врз заштитата на криминалот и беззаконието во тотално нефункционален систем! Извештајот на УНЕСКО само потврди дека Македонија е заробена држава каде парламентарната демократија е сведена на фарса, при што неколку економски моќници ја контролираат секоја сфера од општественото живеење, а мнозинството граѓани се заробени од нивните апетити за остварување што поголем профит. Евидентна е потребата за итни и радикални мерки за спас на Охридското езеро пред неповратно да го изгубиме овој природен споменик стар 2 милиони години, а не стандардните одолговлекувања на власта преку разни неефективни средби, трибини, комисии, планови и пресови. Но, за да се спроведат функционални системски промени потребна е политичка волја од некорумпирани државници кои ќе ги штитат државните и националните интереси, а не амнестирани криминалци кои тргуваат и распродаваат со државата како да е нивна приватна фирма, потенцираат од партијата. (Крај)

извор: Левица Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука