Охрид, 2. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – По добивање инструкции од ресорното министерство ќе започнат активностите за поставување на модуларната болница во Охрид, како дел од подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран од корона вирусот.
Пред два месеци беше најавено дека и Охрид е меѓу градовите во кои ќе биде поставена модуларната болница за зголемување на капацитетите за згрижување на пациенти со COVID-19, а како локација е избран просторот позади одделението за геријатрија.
Директорот на охридската општа болница д-р Горан Балески во изјава за Супер радио и OhridPress вели ќе постапуваат согласно насоките што ќе ги даде министерството за здравство.
– Ќе бидат поставени два монтажни објекти со целокупна опрема, а капацитетите на болницата за лекување COVID-19, но и други пациенти ќе се зголемат за 40-на легла. Среќа е што имаме голем простор за пристап од две страни за влез и излез по протоколите и проектот за тријажен центар, информира д-р Балески.
Засега локацијата е расчистена, приодите се обезбедени, а задача на општината, согласно договорот со министерството за здравство ќе биде да се тампонира теренот, доведување водоводна и канализациона линија, како и електрична енергија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес