април 6, 2020

Дебар, 6. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, информираат од МВР.

– Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. Во Дебар има 4 нови лица во самоизолација и извршени се вкупно 68 контроли на овие лица. Непречено се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација, а денеска од Дебар ќе биде извршен спровод на две лица.  Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831-051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21:00 до 05:00 часот секој ден, а за време на викендите од 16:00 до 05:00 часот. Апелираме на совесно и дисциплинирано придржување до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, стои во дописот. (Крај)

извор: МВР фото: Нова Македонија

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука