јуни 18, 2020

Скопје/Охрид, 18. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија неодамна донесе Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во македонското Собрание, согласно која радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за платено политичко рекламирање (ППР).

Имајќи го предвид зголемувањето на времето за ППР од 9 на 14 минути, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе направи измена на Упатство за лимитите за платено политичко рекламирање за изборите во 2020 година и истото, откако се очекува да биде усвоено на седницата на Советот закажана за утре.

Супер радио, како еден од најстарите комерцијални медиуми во државата до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги достави и сопствени предлози за користење на времето за рекламирање, со оглед на искуството од изминатите изборни процеси, но и проблемите со кои се соочуваат голем дел од медиумите.

– Во име на Супер радио, прво ја поздравуваме одлуката за зголемување на времето за рекламирање на реален час емитувана програма и Ве молиме на седницата на Советот која е закажана за утре, 19-ти јуни 2020 година да се разгледа и можноста, времето за ППР кое е одвоено за опозицијата или власта (или дел од истото) да може да се додели на помалите партии, доколку еден од овие два субјекти (коалиции) од било кои причини одлучат да не го искористат. Ова е особено важно сега кога имаме дури 15 партии кои учествуваат на изборите, кои не влегуваат во поголемата група, а за кои е одвоено само 2 минути рекламно време. Во неколку наврати кај нас се случило некој од поголемите политички субјекти да не закупи воопшто време, или да закупи сосема малку, што предизвикува намалување на средствата, кои се од особено значење за радиодифузерите, особено сега, кога истите работат во исклучително тешки економски услови, потенцираат од Супер радио.

Додаваат дека во текот на изминатите изборни процеси е забележано дека одредени партии, од само за нив познати причини, воопшто не се рекламираат на дел од медиумите.

– Дали ќе се рекламираат кај нас е нивна одлука, ние секако ја почитуваме и истата ќе го дефинира и нашиот однос кон истите субјекти. Ние ги имаме убедливо највисоките рејтинзи во регионот и сакаме да соработуваме со сите политички субјекти. Сепак, ако веќе е така и одредени медиуми се прескокнуваат, тогаш да ја имаме можноста тоа време, или дел од истото, да може да го понудиме на друг субјект, потенцираат од Супер радио, најдобрата локална радио станица во овој дел од државата.

Потврда за работата на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба за досегашната успешна работа и придонес за градот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука