јуни 3, 2020

Скопје, 3. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Грижата за нашето психичко здравство е исто толку важна како и грижата за физичкото здравје. Универзитетската клиника за психијатрија е активно вклучена во справувањето во борбата со коронавирусот.

Отворени се повеќе телефонски линии за психолошка поддршка, а во наредниот период ќе се организираат и повеќе активности и превенција за менталното здравје, соопшти Министерството за здравство.

Од Клиниката информираат дека во тек е меѓународно истражување за менталното здравје на населението за време на мерките за контрола на пандемија со овој вирус. Координатор на истражувањето е италијанското здружение за социјална психијатрија „Societa Italiana di Psichiatria Sociale“ (веб psichiatriasociale.org), а истражувањето се спроведува во повеќе европски земји. Координатор за државава е токму Клиниката за психијатрија.

Оваа студија се спроведува со цел проценка на влијанието на пандемијата со Ковид-19, воведениот карантин врз менталното здравје кај нашето население и да се развијат соодветни здравствени интервенции. Истражувањето е доброволно, анонимно и информациите ќе бидат третирани како доверливи и во согласност со постоечките закони, стои во соопштението.

Да ги почитуваме препораките за заштита од коронавирусот и да се грижиме за нашето ментално здравје, посочуваат од Министерството за здравство. (Крај)

извор: Министерство за здравство фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука