Скопје, 14. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – За ВМРО-ДПМНЕ 5 и 8 јули не е опција за одржување на избори, за нив прва возможна дата кога тоа би било можно е средината на јули, рече на денешната прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој побара од претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, за да се исполнат два услови. Првиот да се изработи протокол за заштита на здравјето на луѓето и да се има фер и демократски инклузивни избори во државата. А вториот е да се воспостави мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Мицкоски побара по првиот ден кога ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат во Македонија, по нивната прес конференција следниот ден да биде првиот ден на кампањата за изборите. Мицкоски му порача на раководството на СДСМ, дека ќе ги победат.
– Ќе ве победиме, кога и да се случат тие избори, рече лидерот на ВМРО- ДПМНЕ.
ОБСЕ/ОДИХР распиша конкурс за ангажирање на експерти кои треба да ги набљудуваат предвремените парламентарни избори во Македонија на 5 јули. Конкурсот завршува на 16 јуни. А најрано експертите треба да пристигнат во земјава на 19 јуни. Тоа според Мицкоски би значело дека ако СДСМ сака избори на 5 јули, тоа би значело дека би ја почнале кампањата без присуство на мисија на ОБСЕ/ОДИХР. (Крај)
извор: slobodnaevropa.mk фото: архива