Белчишта, 6. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на 8-та седница одржана во неделата, по повторно доставеното барање од општина Дебрца и ООУ „Дебрца“ даде согласност за наставно-образовен процес со физичко присуство на учениците од 6-то до 9-то одделение и во ПУ „Требеништа“ и ПУ „Мешеишта“, за кои првично не беше дадена согласност, односно беше предвидена онлајн настава.
Со тоа, наставата за сите одделенија во ООУ „Дебрца“ ќе се одвива со физичко присуство на учениците.
-Советот на општината на седницата одржана на ден 02.10.2020 година ги усвои измените на Буџетот на општината за 2020 година, при што средствата наменети за регрес за годишен одмор за вработените во општинската администрација и за набавка на огревно дрво за училиштата (огревно дрво општината обезбеди, со добивањето на донацијата на дрвото кое го сече по делницата на автопатот А2, во изградба), да се пренаменат за обезбедување на ИТ опрема за училиштата и учениците кои доаѓаат од социјално ранливи семејства, објави градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески.
Тој додава дека заложбата на општината е да се обезбеди квалитетно и достапно образование за сите ученици и во новонастанатата состојба предизвикана од COVID-19. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива