Скопје, 17. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Најава за почеток со работа на угостителските објекти во државата ќе имаме на почетокот на следната работна недела, изјави во интервју за Тв Сител министерот за здравство д-р Венко Филипче.
– По донесените протоколи кои ги изработи тимот експерти и епидемиолози ќе може постепено да се вратат во функција угостителските објекти некаде на крајот на следната недела. Но, на почетокот на неделата, сакаме јасно да им укажеме кои ќе се принципите и протоколите кои ќе мора да се почитуваат, за кога ќе почнат со работа секој да знае на кој начин да може да се врати во нормално функционирање, додаде министерот Филипче.
Задржување на до четири лица на една маса, кои не мора да се од исто семејство, но на определена оддалеченост меѓу две маси или пак со граничник од плексиглас или стакло. Ова се дел од мерките кои според се’ уште неофицијалните информации ќе стапат на сила од крајот на следната недела, кога под посебни хигиенски услови, на отворени простори односно летни тераси, ќе почне олабавувањето на рестриктивните мерки за угостителскиот сектор. Ќе може да се служат храна и пијалоци, кои ќе бидат дезинфицирани пред да бидат послужени на гостите. Можно е да биде наложено да се користат и чаши, лажички, садови за еднократна употреба. Се размислува и за наплата само со платежни картички. Работното време на кафе баровите и рестораните за почеток би било до 18:00 или 19:00 часот.
Деновиве низ Охрид, додека се чека одлуката за почеток со работа, угостителите ги подготвуваа објектите, се чистеа и дезинфицираа внатрешноста, масите и столиците, терасите. Дел од нив започнаа да служат т.н Coffee to go, односно продажба на кафе во хартиени чаши. Истото се продава од посебни шалтери, без да се влегува во објектот. Граѓаните купуваат кафе и истото го пијат на отворено, на клупа покрај езерото и во разговор со пријателите. Истовремено останува обврската граѓаните да носат заштитни маски во секој затворен објект и на отворено каде што не може да се обезбеди доволна оддалеченост меѓу граѓаните, како на пример на зелените пазари и тн. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес