Скопје, 2. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Венко Фиипче на официјалната страна на Фејсбук објави упатство за домашно лекување на пациенти со полесни симптоми на COVID-19, но и на што треба да се внимава и како да се заштити лицето кое се грижи за пациент заболен од COVID-19.
Лицата со лесна форма на болеста и без ризик за компликации се лекуваат во домашни услови. Најголемиот број пациенти со COVID-19 имаат некомплицирана или полесна болест (81%), некои развиваат тешка болест со потреба за кислородна терапија (14%), и околу 5% имаат потреба од третман во единица за интензивно лекување и нега. Матичниот/семеен лекар треба да биде вклучен во надзорот на здравствената состојба со следење на развојот на симптомите преку дневни телефонски повици и доколку е можно, преку посети во домот на пациентот.
Како дел од препораките за членовите на семејството на пациентот во домашна нега се наведени: пациентот да се негува во посебна и добро проветрена просторија; по можност да се одреди едно лице кое ќе биде одговорно за грижа за пациентот. Лицето треба да е во добра здравствена состојба; членовите на семејството треба да останат во друга просторија или, ако тоа не е можно, да одржат растојание од најмалку 1,5 -2 метри од болното лице; лицето кое го негува пациентот, треба да носи обична медицинска маска прицврстена на лицето кога е во иста просторија со заболеното лице; да се избегнува допир со контаминирани предмети во непосредна околина на заболеното лице; секојдневно да се чистат и дезинфицираат честопати површините кои се допираат, како што се маситеи другиот мебел во собата на заболеното лице со вообичаено средство за дезинфекција кое содржи средство за белење. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива