март 20, 2020

Скопје, 20. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада на последната седница излезе со нови сет мерки  во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот.

Па, така забрането е собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини, а задолжени се МВР и Армијата да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.

Се забранува пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 06:00 часот наредниот ден, а МВР со патролни возила ќе го затвори пристапот кон Парк шума „Водно“.

За период од 14 дена нема да се одржува настава и да се спроведуваат обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена.

Се препорачува на сите работодавачи, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата. Исклучок од оваа мерка се вработените лица во МВР, Министерствата за здравство и одбрана, Армијата на Република Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.

Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.

Министерството за внатрешни работи ќе ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири.

Владата ја донесе и Одлуката за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица или наполица со тарифните ознаки 1001 19 00 00, 1001 91 90 00 и 1001 99 00 00 и 1101 00. Ограничувањето на извозот од член 1 на оваа одлука ќе се применува до 30-ти април годинава, со можност за продолжување доколку состојбата со пандемијата го бара тоа.

Усвоена е и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените на истите кои се применувале на 11-ти март, кога од страна на Светската Здравствена Организација е прогласена пандемија на Коронавирусот COVID-19 и ќе се применуваат до 30-ти април 2020 година.

Владата ги прифати сетот економски мерки пресложени од Кабинет на заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања кои се однесуваа на бескаматни кредити за микро,малите и средни претпријатија и за поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

 

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука