Охрид, 2. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – ОУТУ „Ванчо Питошески“ од каде произлегуваат идните кадри за туристичко угостителската дејност за учебната 2020/2021 година ќе ги отвори вратите за 306 полуматуранти.
Од самото формирање во 1963 година охридското стручно училиште вади квалитетни кадри, освојуваат бројни награди, а годиниве наназад преку програмата Еразмус плус на учениицте им се дава шанса да престојуваат и во познати хотелски капацитети низ Европа каде изведуваат практична обука и стекнуваат нови знаења.
Согласно објавениот конкурс ќе се формираат девет паралелки со настава на македонски јазик за три и четири годишно образование.
– Со тригодишно образование се профилите келнер, готвач и слаткар, а за упис на деветтоодделенците ќе им бидат потребни минимум 30 поени. Исто така тука ни се одобрени и профилите месар и пекар. За четиригодишно образование каде се потребни минимум 45 поени е угостителско-туристичката струка, во која спаѓаат профилите хотелско-туристички техничар, угостителси техничар, угостителси техничар за рурален туризам и техничар за настани и анимации-аниматор, кој беше одобрен оваа година, но не се реализира. Според искуството од минатите години, најголем интерес има за угостителси техничар бидејќи е комбинација од келнер и готвач, како и само за профилот готвач, по што следи хотелско-туристички техничар, вели за Супер радио и OhridPress директорот на училиштето Марјан Радески.
Тој се надева и очекува дека одзивот на ученици на претстојните уписи, од кои првиот е на 16-ти и 17-ти овој месец, ќе биде поголем, со оглед на важноста на овие струки за Охрид како туристичко место.
На учениците кои сакаат да се запишат, а не се од Охрид на располагање им стои и ученичкиот дом во склоп на училиштето, кој им нуди бесплатно сместување и три оброци дневно во училишната менза.
Во учебната 2020/2021 година просториите на угостителското училиште ќе ги користи и ДСУ „Спортска академија“. Ќе биде отворена една спортска паралелка за фудбал која ќе функционира во склоп на охридското средно училиште. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива