Охрид, 20. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Ширењето на вирусот Covid 19 го доведе целиот свет во една тешка состојба, за која неизвесно е до кога ќе трае и како ќе се одвива работата во сите сфери од нашето живеење, порачуваат од ОУ „Братство Единство“ од Охрид од каде креираа сајт со образовни материјали за работа од дома.
– Ние наставниците и учениците веќе втора недела сме дома и верувајте воопшто не е лесно. Но, мора најодговорно да ги почитуваме насоките за зачувување на јавното здравје и дисциплината во овој момент да ја ставиме над сé. Треба да останиме дома. Од друга страна, свесни сме дека голем број деца во вакви услови неефикасно и неконтролирано користат технологија и интернет. Затоа, и покрај тоа што не можиме да спроведиме онлајн учење во права смисла на зборот, сепак како наставници треба да им понудиме на нашите ученици образовни материјали за исполнување на времето и делумно одвлекување на своите мисли од секојдневните случувања. Поголем број наставници во државава тоа и го сторија на различни начини и секој нивни обид е за поздравување. Нашето училиште ОУ„Братство Единство“ од Охрид, за учениците од одделенска настава одлучи да ги користи групите на социјалните мрежи. Споделуваат материјали за учење, вежби, изведбени активности, разменуваат ставови, идеи и сл. Оваа опција во одделенска настава, каде наставникот комуницира само со родителите и учениците од одделението, се покажа како функционална. За предметна настава каде наставникот работи со повеќе од стотина ученици, одлучивме да креираме сајт на кој наставниците ќе поставуваат наставни содржини, соодветни на наставната програма за овој период од годината. Од менито на сајтот можи да се избери наставниот јазик на кој учениците ја следат наставата, македонски, албански или турски јазик, а потоа некој од понудените предмети. Во соддржините, покрај примерите кои им се зададени на учениците во вид на текстуални документи, презентации, видеа, поставени се и задачи за кои треба учениците самостојно да ги реализираат дома. Во периодот што следи, на сајтот ќе бидат поставени и решенијата на задачите од страна на наставниците, со цел учениците да ја самооценуваат својата работа. За евентуални прашања до наставниците учениците можат да испратат e-mail во табот контакт на сајтот или да пишуваат до класниот раководител во соодветната група. Свесни сме дека ваквиот начин не е ефикасен за сите ученици, но сигурни сме дека е безбеден, соодветен на наставните програми и доволен за учениците кои имаат желба за стекнување нови знаења. На сајтот се предложени и корисни едукативни линкови за онлајн учење преку игри, курсеви, видеа и слично, кои се надеваме дека ќе го привлечат вниманието на голем број ученици не само од предметна, туку и од одделенска настава, потенцираат од училиштето.
Додаваат дека не треба да се заборави дека наставниците не можат од дома да ја контролираат работата на учениците, туку родителите се клучни во целиот процес на ангажирање на децата во домашни услови.
– Како наставници им предлагаме на учениците, времето дома пред се да го поминат во дружење со семејството, следење на програмите на телевизија, корисни и соодветни за нивна возраст, да играат друштвени игри и најважно од се, да прават вежби за здраво тело и добро расположение. Почитувани, оваа ситуација сите посакуваме да помини што побрзо и без лоши последици, а за тоа сите сме сите поддеднакво одговорни, порачуваат од ОУ „Братство Единство“ од Охрид.
Веб сајтот можете да го посетите ОВДЕ. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: архива