Охрид, 10. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, Охрид, денес го чествува патрониот празник на училиштето.
Во согласност со моменталната ситуација и во рамки на почитување на мерките за заштита од COVID-19, училиштето оваа година Денот на училиштето го одбележува преку промотивно видео, каде се прикажани разни активности, вклученост во проекти и успеси од оваа учебна година. Преку видеото, директорката на училиштето Елена Ел Нади, упати честитка и благодарност до своите колеги, ученици и родители за успешното работење и соработка во текот на изминатата учебна година, со желба за добро здравје и што поскоро продолжување на училишната мисија. Таа истакна дека и во оваа вонредна ситуација вработените од училиштето се на ниво на задачата и достоинствено се справуваат со новите предизвици на далечинско учење и онлајн настава.
– Во време кога секој професионалец во државава дава свој допринос за полесно справување со пандемијата од Корона вирусот, јас со гордост сакам да истакнам дека воспитно-образовниот кадар од нашето училиште од самиот почеток е на ниво на својата задача и достоинствено се справува со сите предизвици во оваа новонастаната ситуација. Имајќи ја пред себе својата улога и одговорност, обединети со иста мисла и цел – „да сме тука едни за други“, покажавме дека и во вакви услови училиштето и наставниците се грижат за своите ученици и прават напори да им ја олеснат оваа ситуација, изјави Елена Ел Нади.
Во текот на изминативе два месеци ОУ „Ванчо Николески“ во согласност со уредбата од МОН организира далечинско учење и онлајн настава за своите ученици. Од училиштето се задоволни од досегашната реализација на наставата, која велат е оптимална во рамки на можностите и условите во кои се наоѓаме.
– Уште од самиот почеток кога сите бевме исплашени, кога сѐ беше неизвесно, бевме сигурни дека најважно е учениците и родителите да знаат дека не се сами, дека училиштето е тука за нив, и дека сите заедно ќе ја надминеме оваа ситуација. Преку една релаксирана комуникација, во рамки на флексибилно поставени наставни цели, полни со разбирање на целокупната ситуација, наставниците постојано ја даваат потребната поддршка на нашите ученици за да се реализира програмата, а учениците пак, заедно со своите родители се трудат и во овие тешки услови да бидат исполнителни и одговорни, изјави директорката Елена Ел Нади.
Од страна на делегација од училиштето во која имаше и ученици, денес во 11:00 часот на градските гробишта во Охрид беше положено свежо цвеќе на гробот на Патронот на училиштето, големиот македонски писател, Ванчо Николески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива