Охрид, 24. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во 11:00 часот стапува на сила 42-часовниот карантин на територијата на целата држава, како дел од мерките на Владата на Република Македонија за спречување на ширењето на коронавирусот COVID-19. Забраната за движење ќе трае до вторник, до 05:00 часот.
Одлуката ја донесе македонската Влада на последната, 56-та седница, иако претходно Комисијата за заразни болести поднесе предлог полицискиот час да трае од сабота од 19:00 часот до вторник до 05:00 часот. Oд Владата информираат дека за време на продолжениот празничен викенд граѓаните, во периодот кога важи забраната за движење, своите миленичиња ќе можат да ги изнесуваат наутро од 08:00 до 08:30 часот, потоа попладне од 15:00 до 15:30 часот, како и навечер од 20:00 до 20:30 часот, до 100 метри оддалеченост од живеалиштето и со примена на останатите мерки за лична заштита.
Според последните информации на Министерството за здравство, направени се 744 тестирања, а регистрирани се 20 нови случаи на COVID-19 и тоа во Скопје 16, Куманово 2 и Прилеп 2. Досега во земјата се направени вкупно 24.762 тестирања на COVID-19.
Охриѓани утрово пред почетокот на полицискиот час го искористија убавото и сончево време за прошетка покрај езерото. Празничниот ден, посветен на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, но и продолжениот викенд, во Охрид ќе го поминат и бројни посетители надвор од градот, кои тука имаат сопствени станови. Забележително е присуството на бројни гости од Скопје, Битола и останатите поголеми градови од државата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес