мај 1, 2020

Скопје, 1. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Фондот за здравствено осигурување од денес воведува пропишување и издавање на лекови без хартија, преку електронски рецепт е-Рецепт за хронична терапија за хронично болни лица.

Практично, ова значи дека нема потреба хроничните болни да одат кај матичен лекар за да им биде препишан и издаден хартиен рецепт.

Наместо да губат време за одење, чекање во ординации и враќање, корисниците на хроничната терапија ќе треба телефонски да исконтактираат со својот матичен лекар и да добијат информација дека им е искреиран електронскиот рецепт. Потоа одат директно во аптека и со документ за лична идентификација ќе можат да ги подигнат пропишаните лекови. Предвидена е можност, друга личност да ја подигне терапијата во нивно име, доколку хроничните пациенти не можат лично да го сторат тоа.

Освен тоа што ќе придонесе за поефикасна заштита на пациентите и медицинскиот персонал од актуелниот коронавирус, електронскиот рецепт ќе продолжи да функционира и по завршувањето на пандемијата со COVID-19. Од први мај ќе функционира за хроничните пацинети, а забрзано и посветено работиме да профункционира за сите осигуреници и за сите дијагнози. Придобивките од новиот електронски рецепт се повеќекратни за сите осигуреници, матичните лекари, аптекарите како и за Фондот за здравствено осигурување.

Хроничните болни добиваат лесен и ефикасен пристап до лекови и поефикасна здравствена заштита. Матичните лекари нема повеќе да изготвуваат хартиени рецепти туку нивниот софтверски креиран рецепт ќе биде достапен директно во аптеките. Се скратуваат трошоците и ресурсите за принтање и издавање на рецепти, а лекарите ќе имаат многу повеќе време за прегледи на пациентите без никаков дополнителен трошок.

Целиот процес за пропишување и издавање на лекови се рационализира, односно станува поефикасен и побрз. Ова е во директен интерес на 773 аптеки со кои Фондот има склучен договор, како и со 1.236 ПЗУ од општа медицина, 1.096 ПЗУ стоматологија и 165 ПЗУ од областа гинекологија. Преку дигитализација на рецептите на хронично болните лица, Фондот за здравствено осигурување во реално време ќе ја следи валидноста преку овој систем и обемот на издадени рецепти и лекови.

Исто така во реално време, стручните служби на Фондот ќе може брзо и ефикасно да интервенираат при евентуални индиции за недоследности или злоупотреби на системот.

извор: ФЗОМ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука