Дебрца, 18. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Општина Дебрца го доби и првото тениско игралиште. Игралиштето е во балон салата и е едно од ретките во Македонија во покриен простор.
За овие активности од буџетот на општината се издвоени вкупно 175.000 денари и тоа за санацијата на балон салата -40.000 денари и за изработка на акрилната подлога на тениското игралиште ( за набавка на специјалните акрилни бои ) -135.000 денари.
– Благодарност до ентузијастите од ЗФК “Св.Петар” село Лешани, кои доброволно и без надомест ја изработија акрилната подлога и се иницијатори за формирање на првиот тениски клуб во општина Дебрца, благодарност и до советот на општината кој ја поддржа реализацијата на оваа проектна активност во спортската инфраструктура, велат од општината.
Согласно Годишната програма за спорт за 2021 година сите спортски клубови и поединци од општината можат бесплатно да ја користат балон салата за спортски и рекреативни активности, а трошоците за тоа ќе бидат субвенционирани од буџетот на општината. (Крај)
извор: Општина Дебрца фото: архива