Дебрца, 28. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на проектот за прекугранична соработка „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ меѓу Македонија и Албанија, општина Дебрца ќе добие модерен планинарски дом.
За таа цел ќе биде извршена реконструкција на училишната зграда во село Брежани и преадаптирана во ваков објект. Овој проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во извонредна, високо развиена туристичка дестинација, потенцира градоначалникот Зоран Ногачески.
– Општина Дебрца, со целокупното природно и културно наследство што го има и кое е дел од наследството на УНЕСКО, со планинските масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на планинскиот и зимскиот туризам. Секако предуслов за тоа е да се осигура безбедноста на туристите. Како општина имаме потпишано договор за соработка со спасителната служба, од што произлегуваат обврски на општината за обезбедување нејзина финансиска одржливост. Ние на една од наредните седници ќе обезебдиме средства во буџетот за таа намена, истакна Ногачески.
Реконструкцијата треба да започне во месец април и во рок од три месеци да биде реализирана. Финансиската конструкција за изградба на планинарскиот дом е околу 80.000 евра. Вчера општината доби специјално возило за спасување во зимски услови. Покрај ова како дел од проектот е и санација на патната врска меѓу Брежани и Илинска планина, обврска што треба да биде заокружена до месец август.
Општина Дебрца преоку проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ започнува соработка со албанската општина Грамш. Градоначалникот Ногачески откри дека зеднички веќе се подготвува апликацијата за новиот повик за прекугранична соработка, а еден од проектите ќе биде поврзување на планинарските патреки од Дебрца, преку Охрид и врска со Грамш. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес