Охрид, 8. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од 89 избирачки места во Охрид на кои ќе се гласа во среда, 15-ти јули, на предвремените парламентарни избори, 20 се преместени заради почитување на здравствените протоколи.
Овие избирачки места се префрлени на ниови локации, бидејќи претходните, од минатите изборни циклуси не ги исполнуваа условите за безбедно спроведување на гласачкиот процес, имајќи ја во предвид актуалната состојба со вирусот COVID-19, информира за Супер радио и OhridPress Марга Димковска, раководител на поддрачното одделение на Државната изборна комисија.
Па, така промени има кај гласачкото место 1.251, кое беше сместено во наплатниот пункт на „Водовод“. Таму запишаните гласачи ќе гласаат во просториите на ОУ „Св. Климент Охридски“. Гласачките места 1.254 и 1.254/1 од просториите на ЈП „Охридски комуналец“ на булевар „Туристичка“ се преместени во приземјето на новиот објект на „Градски пазар“. Избирачките места 1.259 и 1.259/1 кои досега беа во приватен објект на ул.„Егејска“ се преместени во просториите на ОУ „Братство Единство“. Избирачкото место 1.260 од МЗ „Даме Груев“ е преместено во приватен објект во непосредна близина. Граѓаните кои гласаа во избирачките места 1.261 и 1.262 сместени во ЈП за стопанисување со стамбен и деловен простор сега ќе гласаат во ОУ „Григор Прличев“, а оние кои гласаа во просториите на МЗ Кошишта на избирачко место 1.264/1 сега ќе гласаат во новиот објект на „Градски пазар“. Гласачките места 1.265 и 1.266 сместени во приватен објект на улица „Стив Наумов“, сега имаат локација ОУ „Братство Единство“ – Лескајца.
Оние граѓани кои гласаа во објектот на ЈЗУ Општа болница, односно избирачките места 1.269 и 1.272, сега ќе бидат преместени во ОУ „Христо Узунов“. Избирачкото место 1.270 од просториите на НП „Галичица“ на ул. „Галичица“ е преместено во ОМУ „Методи Патче“, а 1.276 од просториите на ЈП „Македонски шуми“ на улица „Јане Сандански“ е префрлено во гимназијата „Св.Климент Охридски“.
1.281 и 1.281/1 од приватен објект на улица „Прва Македонска бригада“ се преместени во приватен објект кај Стобекс, 1.284 од Водостопанска организиација „Охридско Езеро“ на улица „Живко Чинго“ во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“, а гласачките места 1.310 и 1.310/1 од приватен објект на улица „Хаџи Мустафа“ за овие избори се преместени во приватен објект на улица „Гоце Делчев“.
Во општина Дебрца има 28 гласачки места и таму нема промени бидејќи сите ги задоволуваат протоколите.
Поради состојбата со COVID-19 овој изборен циклус се одвива во специфични услови. Предизборната кампања завршува на 12-ти јули на полноќ, од кога почнува молкот. На 13-ти јули ќе гласаат лицата со COVID-19 и во самоизолација, на 14-ти јули болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор. На 15-ти јули, кој е прогласен за неработен ден, гласањето на парламентарните избори ќе започне во 07:00 часот наутро, а поради актуелната состојбаќе биде продолжено и ќе трае до 21:00 часот.
Од ДИК излегоа со задолжителни препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива