март 24, 2020

Скопје/Охрид, 24. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот хотел „Десарет“ е меѓу пријавените 10 вакви објекти кои ќе се користат како карантин за нашите граѓани кои се враќаат од странство.

Генералниот секретар на македонската Влада Драги Рашковски изјави дека во повеќе хотели низ Македонија се ставени во карантин околу 200 луѓе, а наредните денови се очекува да стигнат со организиран трансфер околу 2.000 за кои се обезбедени веќе десет хотели низ Македонија.

– Во моментов граѓани во карантин има во хотелот „Десарет“ во Охрид, „Ибис“ и „Стоун бриџ“ во Скопје, во „Фламенго“ во Гевгелија и во хотел „Михајло“ во Кавадарци. Вкупно се обезбедени 1.500 хотелски сместувања, при што сите се сместуваат во соби по еден или максимум двајца, вели Рашковски и отфрла било каква можност да се заразат едни со други бидејќи се преземени екстремни мерки за заштита.

Сите лица се обврзани да не ги напуштаат собите, а за да се почитува мерката, на секој кат дежура полиција. Храна им се остава пред врата од лица облечени во заштитна опрема, а на ист начин се собира и отпадот, во иста кеса. Постелнина им се менува на седум дена, а секој петти ден ќе се прави целосна дезинфекција на објектот.

Со оглед на тоа дека многу македонски граѓани кога слушнаа дека ќе завршат во карантин одбија да се вратат, а многумина се обидуваат на разни начини да го избегнат, Рашкоски вели дека не се прават исклучоци. Досега сите што се сместени во карантин се донесени од граничните премини, а само 7 со авион од Полска, но бројот на вториве ќе се зголеми со уредба на владата која ќе отвори пат за ваков трансфер. Вчера Министерството за надворешни работи извести дека тие што ќе дојдат со авион на организиран начин ќе треба да си ја платат авионската карта, а понудена им е можноста за одложено плаќање на рати. (Крај)

извор: nezavisen.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука