Охрид, 23. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Наставниот кадар во училиштата во Охрид и Дебрца се обучува за користење на Единствената Национална платформа за учење од далечина.
Минатата недела дел од охридските наставници беа дел од обуките што ги спроведе министерството за образование како да се користи платформата, а сега тие се во улога на обучувачи, да им го пренесат она што го научиле на своите колеги во училиштата.
Како што дознаваме обуките течат добро, нејзиното ползување кај децата нема да создава главоболки, тие ќе добиваат и соодветни материјали кои ќе им помогнат во совладување на материјалот, единствено проблем може да биде слабата интернет врска и неможноста за поврзување.
Во петокот Националната платформа за онлајн учење беше презентирана и пред јавноста. Министерката за образование Мила Царовска рече дека ја разбира загриженоста на родителите затоа што секоја промена е тешка, а прилагодувањето бара огромна жртва од сите нас.
– Јас целосно ги разбирам оние кои се загрижени како ќе ја поминеме учебната година, ги разбирам родителите кои се под голем притисок да се прилагодат истовремено одејќи на работа и грижејќи се за образованието на своите деца. И самата сум родител и тоа го чувствувам. Но ние не ја избравме оваа состојба. Во оваа состојба Националната платформа ќе биде многу повеќе од добра замена за традиционалното учење. Ученикот преку десктоп или лаптоп компјутер, или на мобилен телефон ќе може исто како во училница, да го гледа наставникот како пишува или црта на табла, а истовремено и наставникот може да го гледа ученикот. Оваа настава нема да биде здодевна, ќе има решавање квизови, брзи тестови и други новини кои ќе внесат свежина во образованието, а платформата ќе продолжи да се користи и после пандемијата како поддршка во учењето и креирањето на дигитални содржини, заклучи министерката Царовска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива