септември 23, 2020

Скопје/Охрид, 23. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Најмногу вработени или ангажирани луѓе меѓу единиците на локална самоуправа во Република Македонија има Градот Скопје, 747 луѓе, а општина Охрид, иако повеќе од десетина пати помала од Скопје има неверојатни 308 ангажирани лица, покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Од јануари 2017 до февруари 2020 година, во општините вкупно се вработени или ангажирани нови 154 луѓе. Овде, бројот на нововработени пораснал за 2 отсто, но на оние со привремено вработување скокнал за 25 проценти. Бројот на луѓе ангажирани на договор на дело по општините се намалил за 31 отсто.

Во истиот период, во министерствата и во Владата се вработени или ангажирани 540 повеќе луѓе. Од овие новопримени или ангажирани луѓе, во редовен работен однос се примени 154, на договор на дело се ангажирани 177, а привремено се вработени 209 луѓе. Додека бројот на нововработени е зголемен за 0,9 проценти, бројот на ангажирани на договор на дело скокнал за 125 проценти, а привремено се вработени дури 337 проценти повеќе луѓе.

По институции, во споменатиот период од три години, најмногу нововработени или ангажирани луѓе во апсолутен број имало во Министерството за внатрешни работи – 570 што е зголемување од скоро 5 проценти. Сепак, во процентуален износ, најмногу нововработени или ангажирани имало во Министерството за култура, дури 23,7 отсто.

Истражувањето е спроведено врз основа на одговорите на институциите на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер за бројот на вработени во редовен работен однос, преку привремени вработувања и со договор на дело на 31.12.2016 и на 29.02.2020 година. (Крај)

извор: Центар за граѓански комуникации фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука