Скопје/Охрид, 14. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Се’ поголем е интересот од страна на граѓани за добивање на социјален стан од државата. Официјалните информации до кои стигнаа медиумите велат дека привршува процесот на изградба на над 30 нови згради наменети за ранливите категории на граѓани.
Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор за порталот Денар.мк велат дека овој проект е од големо заначење за цела држава бидејќи објектите се лоцирани во 25 градови, а со тоа има можност за порамномерен регионален развој и во извесна мера изедначување на станбениот стандард.
Ова се податоците за последниот проект (F/P 1674) во однос на изградени згради наменети за ранливите категории на граѓани:
Скопје- Ѓорче Петров (2 објекти по 51 стан), Кичево (32), Охрид (71), Македонска Каменица (29), Кочани (29), К.Паланка (46), Берово (51), Квадарци (30), Битола (78), Штип (91), Демир Хисар (25) Прилеп (76), Ресен (18), Кочани (43), Македонски Брод (10), Струмица (41), Гостивар (70, во моментов се врши технички прием).
Во фаза пак на градба се околу 300 станбени единици. Според информациите, рокот за изградба е 15 месеци. Еве во кои општини и колку се градат социјални станови:
Пробиштип (48 ), Неготино (62), Св. Николе (48), Виница (36), Скопје- Бутел (312), Гевгелија (44), Демир Капија (16), Велес (29).
Начин на аплицирање и распределба на станови
Просечната површина на социјалните станови се движи од 35-47 м2. Што се однесува до распределбата на социјални станови под закуп, таа се одвива согласно одлуката за распределба, како и условите за нивно користење изградени по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Македонија. Тоа значи дека откако зградата ќе биде изградена, со извршен технички преглед од страна на АДИССДП тие доставуваат извесување до Министерството за транспорт и врски. Следната фаза е во Министерството за транспорт и врски кои потоа доставуваат обрасци за аплицирање по категории на корисници на социјалните станови до Центарот за социјални работи во општината каде е изграден социјалниот стан. Потоа процедурата вели дека се објавува Оглас за распределба на социјални станови под закуп за конкретната зграда со определен рок во кој треба да бидат доставени барања од страна на апликантите.
Во однос на категориите на граѓани кои имаат можност за аплицирање за ваков тип на стан надлежните наведуваат шест групи на граѓани кои може да аплицираат на овој оглас.
Предност имаат:
– деца без родители или без родителска грижа кои имаат навршено 18 години, а до својата осумнаесет годишна возраст биле згрижени во институции или дуги облици на згрижување на деца без родители;
– корисниците на право на гарантирана минимална помош, лица кои се погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта.
– лицата со попреченост и семејствата со лица со попреченост.
– лица припадници на Ромската заедница кои се социјално загрозени, самохрани родители на малолетни деца.
„Постапката за распределба на социјални станови под закуп ја спроведува Комисија формирана од страна на Министерот за транспорт и врски, а составена од 3 члена од Министерството за транспорт и врски и 2 члена од Министерство за труд и социјална политика. Апликантите ја доставуваат потребната документација до Центарот за социјална работа во општината во која е изградена зградата во определениот рок во Огласот. Центарот за социјална работа во општината во која е изградена зградата ја прибира потребната документација доставена од страна на апликантите и истата ја евидентира во образецот за апликативна листа, кој образец го потврдува и заверува со потпис и печат, по што сите апликативни листи ги внесува во збирен список – Листа на пријавени кандидати, која ја доставува до Министерство за транспорт и врски – Комисија за распределба на социјални станови.“
И кога ќе заврши целата процедура следува јавна електронска распределба на социјалните станови во општината и се врши јавна електронска распределба на социјални станови по што се објавуваат премилинарни листи. Тука следува процедурата на разработка на документацијата на апликантите, се врши увид на лице место каде што живеат лицата кои се на таа прелиминарна листа. Конечната листа ја подготвува Министерството за транспорт и врски, од каде подготвуваат решенија за распределба на социјалните станови за секој учесник на Огласот. И на самиот крај, врз основа на решенијата за користење на социјален стан под закуп, договорот за закуп во име на државата го склучува АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор со лицето кое го добило станот. (Крај)
извор: https://denar.mk/ фото: архива