Охрид, 2. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охрид ја надмина Струга, а е на петто место во Македонија по бројот на активни случаи со коронавирус.
Според статистиката моментално во градов има 150 активни пациенти. Од почетокот на епидемијата регистрирани се вкупно 174 заразени лица, 4 лица починаа, а 20 се излекувани.
Во текот на вчерашниот ден во Охрид беа регистрирани 7 нови случаи. Во охридската болница има уште неколку слободни кревети за прием на пациенти.
Кон средината на мај, откако долго време се одржуваше ниска бројка на заболени и успешно се бранеше од пандемијата, Охрид се врати на мапата на градови каде се регистрирани лица заболени од коронавирус COVID-19. Оттогаш, речиси секојдневно има регистрирани новозаболени пациенти, а за жал ги имавме и првите смртни случаи.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека изминатите нeколку денови се намалува бројот на примени пациенти во болниците низ државава. Тој посочи дека ги подготвуваат болничките капацитети во однос на патеки за соодветен третман ако даваат и друга здравствена услуга и потенцира дека прават проекција и за нови капацитети не само за сега, туку и за есенските месеци, кога е можен уште поголем притисок, тогаш и со друга патологија од сезонскиот грип. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива