Охрид, 14. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани од Охрид и околината, денеска и утре го слават светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец, каде што ќе има богослужба во манастирот посветен на овој наш голем светител.
Поради вонредните мерки на Владата на Република Макдонија за спречување на ширењето на корона вирусот COVID-19, оваа година верниците нема масовно да го посетат манастирот.
– Споменот на светиот Еразмо Охридскиот Чудотворец, кој се покажа храбар страдалник и секогаш брз послушник во молитвите на оние кои со вера го повикуваат, и оваа година торжествено се прославува во манастирот „Св. Еразмо Охридски“ во Охрид, на местото каде тој уште многу одамна дојде да ја проповеда вистинската Светлина на луѓето од овие простори. Неговиот спомен, и по повеќе од 17 века не е заборавен и нема да се заборави, зашто Христос му сплете двоен венец на мачеништвото и страдањето. За многу години – порачаа од Дебарско-кичевската епархија на МПЦ, од каде објавија и официјално соопштение за соодветно одбележување на празникот, кое го пренесуваме во целост:
Почитувани верници,
Македонската православна црква – Охридска ахиепископија, односно Дебарско-кичевската епархија Охрид, ги известува своите верни чеда дека за време на претстојниот празник на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец, ќе има богослужба во манастирот посветен на овој наш голем светител, и тоа:
1. На 14 јуни 2020 година, во 19.00 ќе биде отслужена Празнична вечерна богослужба.
2. На 15 јуни 2020 година, во 07:30 часот ќе започне Утрената богослужба, а пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарко-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски ќе биде во 08:45 часот. Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09:00 часот.
Ние, како Црква, заедно и свештенството и народот, треба да знаеме дека ние сме создадени според образот Божји, ние сме икона Божја. Но, не сме само душа која лута, ниту само тело без душа. Бог нѐ создал и ни дал и душа, но и тело. Следствено на ова, ние сме дожни да се грижиме за душата и за телото. Токму затоа, секогаш апелираме за почитување на мерките од Владата, зашто и Црвата е дел од оваа држава и се грижи за здравјето, телесно и духовно, на сите верници и на сите луѓе. Затоа сметаме дека со нашето внимание и со грижата за себе, но, пред сѐ, со грижата за нашите ближни, можеме да придонесеме во голем дел што побрзо да се ослободиме од ова искушение.
Затоа, поради настанатата состојба со корона вирусот КОВИД-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат до мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание.
Истовремено, Ве известуваме дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор.
Се надеваме дека верниот народ ја разбира нашата грижа, особено што ова е грижа, пред сѐ, за нив, за нивното здравје и за нашата иднина. Господ, нашиот Бог, по молитвите на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски, да нѐ избави од сите искушенија и да ни дарува здравје, мир и голема љубов, та победувајќи го невидливиот непријател, уште повеќе да се зацврсти нашата вера и да нѐ сплоти како народ, кој верно ќе му служи на Црквата и на Татковината. (Крај)
извор: Дебарско-кичевската епархија фото: Дебарско-кичевската епархија