септември 9, 2020

Скопје/Охрид, 9. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од партијата Левица поднесле Барање за инспекциски надзор до Државниот инспекторат за животна средина во однос на случајот со копање песок на брегот на Охридското Езеро.

-И во овој случај е инволвиран заштитениот советник на старо-новата коалиција, Нефи Усеини, со оглед што недозволените активности се одвиваа во близина на спорната бетонска база која е во негова сопственост. На едно од најстарите природни езера во светот му се случува екоцид, директно поддржан од бизнис-апетитите на коалицијата СДС-ДУИ и нивните локални бандити. Нема холивудско рушење дивоградби, нема санкции за сторителите, нема План за заштита на специфичниот биодиверзитет, нема никаква визија и волја од политичките елити за Охридското Езеро како уникатен природен и културен споменик да се валоризира и заштити неговата специфичност – туку единствено се гледа како максимално да се експлоатира неговиот потенцијал за да задоволат нечии краткорочни лукративни интереси. Доколку Државниот инспекторат за животна средина одбие да постапи по нашето Барање во законски предвидениот рок, ќе ги искористиме законските механизми кои ни стојат на располагање за непостапување на надлежните институции, потенцираат од партијата.

Неодамна, од компанијата „Нефи ИК“ излегоа со официјално соопштение во кое тврдат дека компанијата не стои зад овој случај и дека не вадат песок од езерото. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука