Скопје, 21. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Кафеаните и рестораните во кои се одржуваат свадби и веселби и покрај забраната, засега добиваат само кривични пријави.
-Откако пак Собранието ќе ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, ќе може да бидат затворени на 30 дена и да им се изрече парична казна на самото место со платен налог, истакна на денешната прес конференција Стојко Пауновски, директор на Пазарниот инспекторат.
Тој додаде дека одговорноста и свеста кај граѓаните сепак игра најголема улога во заштитата бидејќи, нема што да се преземе друго ако не делуваат казните.
Инспекцискиот совет за една недела спровел 2.183 контроли, при што биле поднесени 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност или прекршување на работното време, а седум биле за непочитување на здравствеите пртоколи, односно за две се за свадби во Скопје и Тетово и пет за локали кои не почитувале растојание и број на маси и друго.
Шест прекршочни платни налози изрекле инспекторите од Државниот пазарен инспекторат во текот на изминатиот викенд во Охрид. Раководителот на одделението за Пазарен инспекторат во Охрид, Цветко Ристески за Супер радио и OhridPress информира дека викендов биле контролирани угостителски објекти и обложувалници низ градот, дали ги почитуваат владините мерки и протоколи. Во поголемиот дел било констатирано почитување на мерките за заштита од коронавирус, додека шест правни субјекти заработиле парична казна. (Крај)
извор: Фокус фото: архива