Белчишта, 22. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид ги заврши активностите за изградба на екотуристичка инфраструктура во Белчишкото блато и неговата околина.
– Изградена е набљудувачница за птици, видиковци за одмор и информативни знаци. Изградената инфраструктура ќе биде предадена во трајна сопственост на општина Дебрца, за да може да ја користи за развој на екотуризам, набљудување див свет и рекреација на посетители. Изградбата на инфраструктурата е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 година и ќе трае до 31-ви мај 2022 година. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото, информираат од „Екотуризам 2016“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива