Охрид, 19. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во следниве три дена вкупно 108 здравствени работници и персонал од охридската Општа болница кои работат со ковид пациенти ќе се вакцинираат против коронавирус.
Целиот персонал кој работи со ковид пациенти и изрази желба ќе се вакцинира, ова многу значи за нас како болница, вели за Супер радио и OhridPress директорот д-р Горан Балески, кој според распоредот вакцина ќе прими в понеделник.
– 108 доктори и персонал ќе се вакцинираат во три дена, почнувајќи од денес од 17:00 часот заклучно со 22-ри февруари во 10:15 часот, поделени се по термин со 10 минути разлика. Не се вакцинираат оние што го прележале вирусот или кажале дека не сакаат да се вакцинираат. Мојот термин за вакцинација е в понеделник. Апелирам до здравствените работници, како и до граѓаните да се вакцинираат. Според мене докотор е срамота да бега од ова, тој му е потребен на градот. Ние имаме обврска да се вакцинираме спрема градот, ако ние не се вакцинираме кој ќе ги лекува луѓето, вели д-р Балески.
Потврди дека и сега има позитивни случаи меѓу персоналот од различни одделенија, вели проблем ќе претставува ако заболи цело одделение, затоа е потребна вакцинацијата. Тој ги повика и граѓаните да се пријават за имунизација следејќи го примерот на здравствените работници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес