ноември 2, 2020

Охрид, 2. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид во моментов има 270 активни случаи на COVID-19, покажуваат официјалните податоци на Министерството за здравство на Република Македонија.

Од нив, дури 137 лица се заболени во текот на последните седум дена. Вкупниот број на заболени лица до овој момент во Охрид од почетокот на пандемијата е 736 лица.

Во соседна Струга има 121 активни, од вкупно 840 регистрирани случаи на заболени лица.

Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 32.436, бројката на оздравени пациенти е 21.090, на починати е 1004, а бројот на активни случаи изнесува 10.342.

По драстично зголемениот број на заболени лица вчера одржа средба и Националниот совет за безбедност. На истата било констатирано дека нема потреба од нова вонредна состојба, ниту од рестрикции на движењето. На состанокот не се разгледала опцијата за прогласување вонредна состојба бидејќи сега, за разлика од почетокот на пандемијата, земјава имала функционална законодавна и извршна власт.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче порача граѓаните да носат маска на отворено.

-Заштитната маска штити сега и во ладното време кога треба секој да внимава на своето здравје заради тоа што сакаме да ги заштитиме болниците дури и од пациенти коишто би дошле на преглед и за обични настинки. Штити од загадувањето, има докази и публикации каде што ПМ 10 честичките помагаат вирусот да патува подолго од вообичаените 1-1,5 метри нормално со флигиовите капки при близок респираторен контакт и тоа е нешто што исто така штити од трансмисија на вирусот. Значи ова не е случајно препорачано, не се случајно избрани ниту исклучоците кога се спортува секако на дистанца, кога човек е сам во моторно возило или со членови на неговото семејство. Значи тоа се мерки кои се имплементираат во цела Европа, вели Филипче.

Според последните измени и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести за непочитување на мерката за задолжително носење на маска казната изнесува 20 евра, за прекршителите на решенијата за самоизолација казната е 50 евра, додека тие што ќе се групираат на отворено во забранети периоди ќе платат казна од 500 евра. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука