Охрид, 5. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид во моментов има 325 активни случаи на COVID-19, покажуваат официјалните податоци на Министерството за здравство на Република Македонија.
Од нив, дури 169 лица се заболени во текот на последните седум дена. Вкупниот број на заболени лица до овој момент во Охрид од почетокот на пандемијата е 822 лица.
Во соседна Струга има 125 активни, од вкупно 858 регистрирани случаи на заболени лица.
Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 35.097, бројката на оздравени пациенти е 22.024 , на починати е 1.071, а бројот на активни случаи изнесува 12.002.
На инфективните одделенија во Охрид, Тетово, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 421 позитивни и сомнителни на COVID-19.
Во сите болници се размислува да се оспособат и други одделенија за прием на ковид пациенти, затоа што инфективните одделенија веќе се исполнети.
Од Министерството за здравство тврдат дека ниту еден пациент нема да остане без здравствена нега, а најавија и дека 180 специјализанти од внатрешноста и Скопје се враќаат во матичните установи и ќе бидат вклучени во системот на ротација на персоналот за згрижување на сите болни. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива