мај 28, 2020

Скопје, 28. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Фармацевтската комора на Македонија со огромна болка и тага соопшти дека почина првиот здравствен работник во земјава од COVID-19 и нивен колега, фармацевтот Петар Мојсоски од Струга.

– Комората загуби почитуван член, фелата драг колега, а пациентите посветен здравствен работник. Упатуваме длабоко сочувство до семејството и до најблиските, соопшти Комората.

Мојсоски се заразил работејќи во аптека, се лекувал на Инфективната клиника во Скопје, каде што ѝ подлегнал на болеста на 27-ми мај.

Фармацевтската комора на Македонија апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита при посета на аптеките.

Мојсоски дипломирал на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Како што соопшти Комората, стручните знаења како и љубовта кон природата ги користел во интерес на науката и публикацијата. Уште за време на студирањето објавувал научни трудови од областа на лековитите растенија и нивната употреба. Во 2005 година ја објавил својата прва книга „Лековити растенија на планината Јабланица“, во 2008 „Природни антибиотици“ и во 2009 „Отровни билки“. Петар Мојсоски целата своја кариера ја посветил на пациентите работејќи во аптека најдолго во родното Подгорци, како и во други места. Најважна грижа му беа пациентите и нивното здравје.

Петар Мојсоски е првиот здравствен работник кој почина од ковид-19. Фармацевтите и фармацевтските техничари кои работат во аптеките се на првата линија во лекувањето на сите пациентите без разлика на нивните заболувања и здравствени состојби. Во состојба на пандемија кога потребата за посета на аптеките е поголема изложеноста на здравствените работници е зголемена, а со тоа и ризикот за заболување.

„Почитувањето на мерките за заштита се од огромна важност и за намалување на можноста за заболување и на можноста за ширење на болеста. Се замолуваат пациентите и покрај олабавувањето на мерките, да ги почитуваат и понатаму мерките за заштита при посета на аптека. Препораките се објавени на веб страната на Фармацевта комора www.fk.mk. Потребни се координирани чекори со Министерството за здравство и другите здравствени установи и работници во понатамошниот развој на настаните поврзани со преземање на мерки за заштита и ширење на болеста. Ја истакнуваме потребата од поголема вклученост на Министерството за здравство во донесувањето на понатамошните мерки и препораки за работа на аптеките и здравствените работници кои работат во нив“, соопшти Комората.

Голема е тагата, Фармацевтска комора на Македонија загуби почитуван член, фелата драг колега, а пациентите посветен здравствен работник. Упатуваме длабоко сочувство до семејството и до најблиските, додаваат од Комората. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука