Скопје, 22. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Македонија е евидентиран прв смртен случај со коронавирус. Станува збор за 57-годишна жена од Куманово, истакна на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
– Имаме прв смртен случај кој доцна синоќа беше дијагностициран во Куманово, жена од 57 години. Во однос на третманот колегите навремено постапиле, земени се два теста. Тие прво покажале негативен резултат. Брис е земен повторно по констатација на смртта вечерта и тој бил позитивен, земен ради нагло влошување на состојбата, бидејќи тоа не било типично за друга болест. Заедно со неа е хоспитализиран нејзиниот син. Тој има 33 години, вчера имало влошување, префрлен е на Инфективна клиника, рече Филипче.
Во врска со пациентите со коронавирусот во земата, регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со COVID-19 денеска до 12:00 часот, изнесува 114. По градови: Скопје (22), Штип (3), Дебар (2), Куманово (1) и Охрид (1). Според местото на живеење, досега случаи на COVID-19 се регистрирани во: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1).
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти. 7 пациенти се континуирано на третман со кислород, 11 се веќе во стабилна – добра здравствена состојба. Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај 6 пациенти ќе се зема контролен брис. Од нив 5 се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување нема промена на состојбата и таа сѐ уште е на респираторна машина, нејзината состојба е непроменета. Пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива