Охрид, 1. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот неработен ден граѓаните го користат за прошетки и традиционалната скара, но оваа година ќе мора да се прилагодат и на мерките за спречување на коронавирусот COVID-19.
Владата на Република Македонија донесе одлука за ограничување на движењето на граѓаните на територијата на целата држава за време на Првомајските празници.
На 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 14:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро следниот ден.
За лицата над 67 годишна возраст, во петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот. Сите деца и млади лица до 18 години, во петок, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12:00 до 14:00 часот. Остануваат на сила сите други мерки за заштита од COVID-19 донесени од Владата на Република Македонија.
Од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија информираат дека за 1 Мај не очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност.
– Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе се движи од 6°C до 13°C, а максималната од 19°C до 25°C, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес/Влада на РМ/УХМР фото: ОхридПрес/УХМР