февруари 24, 2021

Скопје/Охрид, 24. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – По неодамнешната средба на премиерот Зоран Заев со градоначалниците од општините Охрид, Струга и Дебрца, кои го опфаќаат Охридскиот Регион заштитен од УНЕСКО, од Владата на Република Македонија денеска информираа дека станува збор за усогласување на напорите централната и локалните власти за заедничка акција за отстранување на ризиците по заштитениот Охридски Регион и Охридското Езеро.

На средбата премиерот Заев им пренесол на градоначалниците дека претстојниот извештај на УНЕСКО треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција на Владата и надлежните ресорни министерства како централна власт и на општините Охрид, Струга и Дебрца.

– Премиерот Заев ја реафирмираше определбата на Владата, во координација со локалните самоуправи на трите општини за усогласено спроведување на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион со плановите за развој на општините, водејќи грижа на сите вклучени во процесот дека примарна важност имаат заштитата на културните и природните вредности на Охридското Езеро и на крајбрежјето опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство. Заедничка констатација на средбата беше да продолжи координацијата меѓу Владата и општините Охрид, Струга и Дебрца на утврдените активности, како и на усогласување на легислативата за надлежностите кои ќе овозможат успех во спроведувањето на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион и на развојните планови на општините, истакна портпаролот Душко Арсовски. (Крај)

извор: Влада на РМ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука