Охрид, 17. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во објектите на Детската градинка „Јасна Ристеска“ засега нема пријавени заболени деца или пак со симптоми на COVID-19, згрижувачкиот и воспитниот процес се одвива согласно протоколите за работа дадени од министерството за здравство.
Соглано протоколите, градинката сега има капацитет да прими 597 дечиња, а досега се згрижени околу 200 деца и тоа од поголемите групи. Комплетно се почитуваат протоколите, децата се на дистанца, им се мери температура, активностите и се она што е пропишано за храна и хигиена се почитува и се спроведува секојдневно, вели за Супер радио и OhridPress директорката Мери Рилкова.
– Групите на деца на возраст од 2-10 години треба да бидат со по 15 деца, а до 2 години по 12 деца, согласно новата одлука на Влада. Сега, капацитетот кој го имаме во овие нови услови е е поплнет, со оглед на тоа што до 23-ти септември траат владините мерки за родителите кои имаат деца до шест односно десет години, како и за оние што користеа продолжено продилно отсуство. Се надевам од следната недела дека ќе дојдат уште дечиња, бидејќи родители ни носеа потврди дека се вработени, дека ќе нема кој да им ги чува децата, а во моментов не ги имаат донесено децата сите оние на кои им издадовме потврди дека може тоа да го направат, истакна Рилкова.
Таа се надева дека не ќе треба да постапуваат по алгоритмот за постапување во случај на дете или вработен со симптоми или заболени од коронавирус, но и доколку дојде до тоа се подготвени да постапуваат.
По половина година, градинките во земјава беа отворени на 9-ти овој месец, под посебни протоколи кои се однесуваат на установата, вработените и родителите. И на децата и на вработените при влез задолжително им се мери температура. Вработените задолжително носат маски. Внатре во градинките престојот на децата треба да се организира на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите. За секое дете ќе треба да се обезбедат по две постелнини. На секои два часа, пак, да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите. Растојанието меѓу масите да биде 1,5-2 метри.
Во јавноста имаше бурни реакции откако Владата одлучи од 23-ти септември на работа да се вратат родителите кои користеа продолжено породилно отсуство, како и родителите на деца до 6 години, кои досега беа ослободени од работа.
– Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9-ти септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот COVID-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата. Таа мерка изминатиов период беше на сила затоа што јавните установи за згрижување на деца, односно градинките не работеа, соопштија денес од Владата.
Согласно Протоколот, приоритет за згрижување во градинките имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители, со што се исклучува секаква можност децата да останат без соодветна грижа и нега. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес